МВР

Голема полициска акција низ државата: 16 приведени, запленети дрога и оружје

18.10.2026 14:47

Во засилена полициска акција спроведена на 16 и 17 октомври на територијата на целата држава, извршени се 47 претреси, лишени се од слобода 16 лица, а запленети се наркотични дроги, оружје, муниција и парични средства, информира Министерството за внатрешни работи.

Акцијата ја спровел Одделот за криминалистичка полиција, во координација со секторите за внатрешни работи и Единицата за службени кучиња, со цел откривање и сузбивање на криминалот, особено недозволената трговија со дрога и нелегалното поседување оружје.

При претресите биле пронајдени и одземени поголема количина марихуана, повеќе пакувања со кокаин, меѓу кои и помали пакувања подготвени за понатамошна продажба.

Полицијата запленила и огнено оружје, односно пиштоли и пушки, разновидна муниција, парични средства и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривични дела.

Во рамките на акцијата, од слобода биле лишени 16 лица, а поднесени се 11 кривични пријави за кривичните дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, согласно член 215, и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, согласно член 396 од Кривичниот законик.

Од Министерството за внатрешни работи најавуваат продолжување на интензивните активности за откривање и санкционирање на сите форми на криминал, со цел зголемување на безбедноста и сигурноста на граѓаните.