„Игнорирање и инклузија“

Дефиле во Битола: „Инклузијата не е опција, туку право“

18.10.2026 17:12

Инклузијата не е опција, туку право - е пораката што денеска од Широк Сокак ја испратија лицата со телесен инвалидитет од здружението „Мобилност“ од Битола, кои по 20-ти пат го организираат традиционалното дефиле по Широк Сокак. Оваа година под мотото „Игнорирање и инклузија“.

Со порака дека игнорирањето не е опција, а инклузијата не е привилегија, денеска на Широк Сокак во Битола, по 20-ти пат, се одржа дефиле под мотото „Игнорирање и инклузија“, во организација на Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност Битола“.

Архитектонските бариери сè уште се секојдневна пречка за лицата со попреченост, но уште поголем проблем се невидливоста и игнорирањето на овие лица од институциите и општеството. Иако имаме добра законска регулатива на хартија, за жал, таа не се практикува во реалноста.

Василчо Илиев од Кочани, лице со церебрална парализа и адвокат по професија, смета дека лицата со попреченост треба поактивно да работат на приближување на проблемот до креаторите на политиките, бидејќи на истите не секогаш им е јасна спецификата на определен тип попреченост и потребите што произлегуваат од неа.

Одговорноста за пристапни градови е заедничка. Потребни се системски решенија, доследно почитување на стандардите за пристапност и поголема свест кај институциите и граѓаните.

Александра Максимовска