Обид за убиство во скопски Карпош: Приведени двајца турски државјани, по трет се трага
Двајца турски државјани се лишени од слобода поради сомнение за обид за убиство на двајца нивни сонародници во стан во скопската населба Карпош. Полицијата трага по уште едно лице осомничено за учество во нападот, информира Министерството за внатрешни работи.

Кривична пријава по брза постапка е поднесена против К.М. (36) и С.Б.П. (22), двајцата државјани на Турција, поради основано сомнение дека заедно со уште едно лице извршиле кривично дело „убиство во обид“.
Според информациите од полицијата, осомничените во стан на подрачјето на Карпош физички нападнале двајца 26-годишни турски државјани, при што со остар предмет им нанеле повреди. Во моментот на нападот во станот се наоѓале и две женски лица.
По нападот, осомничените побегнале од местото на настанот. По преземени мерки и активности, полициски службеници од СВР Скопје ги пронашле и ги лишиле од слобода К.М. и С.Б.П. на улицата „Јадранска магистрала“ во Скопје.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека продолжуваат активностите за пронаоѓање на третото лице осомничено за учество во нападот.
