Папата Лав XIV се појави во јавноста пет дена по операцијата на белите дробови
Папата Лав XIV денеска првпат се појави во јавноста по операцијата за отстранување канцероген тумор на белите дробови, извршена пред пет дена во болницата „Џемели“ во Рим. Поглаварот на Римокатоличката црква им се обрати на верниците собрани на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан.

Од прозорецот на Апостолската палата, папата ги поздрави верниците кои дојдоа да му посакаат добро здравје и да му изразат поддршка по хируршката интервенција.
Во своето прво јавно обраќање по операцијата, Лав XIV повика на отфрлање на себичните амбиции и посветено служење на Бога. Тој им се заблагодари на верниците за молитвите и поддршката и најави постепено враќање на редовните активности.
На 71-годишниот поглавар му бил дијагностициран аденокарцином на десното белодробно крило, по што во вторникот бил опериран во римската болница „Џемели“. За време на операцијата бил отстранет долниот дел од десното белодробно крило.
Според лекарите, интервенцијата поминала успешно, без компликации, а закрепнувањето се одвива во позитивна насока.
Папата Лав XIV е познат како физички активен човек, кој редовно игра тенис и плива во папската летна резиденција во Кастел Гандолфо.
