Непознат напаѓач стрелал кон маж во автомобил во скопски Сарај
Пукање во скопски Сарај. Непознато вооружено лице испукало повеќе куршуми кон маж кој се наоѓал во својот автомобил, паркиран пред маркет. Мажот се здобил со повреда на раката, а полицијата на местото на настанот пронашла четири чаури. Се трага по сторителот.

Четири чаури на асфалтот, искршено стакло и ранет маж. Ова е епилогот од инцидентот што се случи изутрината во скопски Сарај, каде што засега непознато вооружено лице испукало повеќе куршуми кон маж кој си седел во својот автомобил, паркиран пред маалски маркет. Од МВР го потврдија случајот и велат - работат на пронаоѓање на сторителот.
„На 18.10.2026 година, во 09:50 часот, во СВР Скопје, М.И. пријавил дека околу 09:30 часот, во близина на маркет во с. Сарај, додека бил со патничко возило „туран“, кон него било пукано од огнено оружје од страна на едно лице. Веднаш по пријавата, на местото на настанот пристигнале полициски службеници од СВР Скопје, при што биле пронајдени четири чаури од пиштолска муниција. Од оштетениот прозорец на возилото, М.И. се здобил со повреда на раката. Известена е екипа на Итната медицинска помош“, се наведува во соопштението на МВР.
Иако среде бел ден во Сарај одекнале истрели, жители од населбата велат - не слушнале ништо.
Кој стои зад пукањето и дали напаѓачот и жртвата претходно имале нерасчистени односи - полицијата допрва ќе истражува.
Анита Димитријевска-Велковска
