Социјални протести низ Европа поради високите трошоци за живот

18.10.2026 17:08

Нафтената криза и зголемените цени на енергентите предизвикаа пораст на трошоците за живот во европските земји. Незадоволството од наглото поскапување ги изведе граѓаните на улиците во Франција, Португалија и Италија. Протестите на повеќе места прераснаа во судири со полицијата, а регистрирани се и голем број приведени лица.

Нафтената криза и зголемените цени на енергентите предизвикаа и зголемување на трошоците за живот во европските земји. Незадоволството од рапидното зголемување на цените ги натера Европејците на протести. Демонстранти ширум Франција се одзваа на повиците преку социјалните мрежи за оживување на движењето „Жолти елеци“, како реакција на социјалната неправда. Во Париз и други француски градови се регистрирани напади врз полицајци, грабежи и оштетување на јавни објекти. Уапсени се 1.500 лица низ целата земја.

„Важно е да им се даде поддршка на младите. Мораме да ги поддржиме, бидејќи тие се иднината. Со претседателот што го имаме последните 10 години, куповната моќ постојано опаѓа, а владата не прави апсолутно ништо за народот“, рече еден од демонстрантите.

„Всушност, ништо не е променето. Ситуацијата е уште полоша. Цените вртоглаво пораснаа, а куповната моќ дополнително се намали - за сите. Освен за една одредена општествена класа, многу богатите“, изјави друг демонстрант.

Демонстранти кои бараат достапни станови се собраа во Лисабон, а некои од нив поставија и шатори. Протестите се со барање властите да овозможат достапни станбени услови, ограничување на висината на кириите, ограничување на фондовите за недвижности кои купуваат стотици станови, како и укинување на одредени мерки, меѓу кои и програмата „Златни визи“ за странци кои купуваат имоти во Португалија.

Протести против војната и високите цени за живот во Милано и Торино, Италија. Демонстрантите се судрија со полицијата, ограбија продавници, подметнаа пожари и оштетија јавни објекти. Полицијата употреби водни топови и солзавец за да ги растера толпите. Најмалку двајца полицајци се повредени, а 50 демонстранти, меѓу кои и малолетници, се приведени.

Ирина Гелевска