Развиен нов електричен тест за откривање траги од живот надвор од Земјата
Меѓународен тим научници, предводен од Универзитетот во Осака, Јапонија, разви нова електрична технологија за откривање можни траги од живот надвор од Земјата. Методот, објавен во научното списание „Нејчр Комуникејшнс“, претставува поедноставна и попрактична алтернатива на постојните технологии за откривање живот во вселената.

Новата метода се фокусира на аминокиселините, кои се основни градбени единици на протеините. Тие постојат во две форми, означени како L и D, кои меѓусебно се однесуваат како огледални слики.
Со анализа на соодносот меѓу овие две форми, научниците можат да добијат важни информации за тоа дали аминокиселините настанале како резултат на биолошки процеси или преку неживи, хемиски реакции.
Ова својство на молекулите во науката е познато како „хиралност“. Новата технологија овозможува нејзино откривање со помош на исклучително мал простор меѓу две златни наножици.
Во моментов, хиралноста на аминокиселините може да се анализира со метод познат како течна хроматографија во комбинација со масена спектрометрија (LC-MS). Меѓутоа, потребната опрема е голема, бара значителни количества примероци и повеќе хемиски постапки, што ја отежнува нејзината употреба во вселенски летала и роботски истражувачки возила.
За разлика од неа, новиот систем е заснован на микрочип со значително помали димензии.
Двете златни наножици се поставени на исклучително мало растојание, што овозможува појава на квантен феномен познат како „електрична тунелска струја“.
Кога на микрочипот ќе се нанесе раствор што содржи аминокиселини, доаѓа до мерливи промени во електричната струја. Алгоритми базирани на вештачка интелигенција и машинско учење ги анализираат овие промени и утврдуваат дали молекулите припаѓаат на L или D формата.
Биоинженерот Такахито Оширо од Универзитетот во Осака објаснува дека со комбинирање на технологијата на тунелска струја низ нанопростор со вештачка интелигенција, истражувачите успеале да ги разликуваат двете форми на аминокиселините со точност поголема од 80 проценти.
Според него, ова претставува прво успешно разликување на хиралноста на аминокиселините на ниво на поединечни молекули со ваква техника.
Научниците веќе ја тестирале новата технологија врз природни примероци и ги споредиле добиените резултати со оние од традиционалните лабораториски методи.
Експертот за нанотехнологија Масатеру Танигучи од Универзитетот во Осака изјави дека биле анализирани примероци од метеоритот Мурчисон, пронајден во Австралија, како и примероци од почвата во пустината Атакама во Чиле.
Резултатите покажале дека новиот метод постигнува споредливи резултати со конвенционалните техники.
Предноста на новиот уред е што бара значително помала подготовка на примероците и може да анализира многу мали количества молекули, што го прави особено погоден за идни вселенски мисии.
Истражувачите продолжуваат со развојот на технологијата, со цел таа да прерасне во целосно функционален уред што би можеле да го користат астронаутите и роботските вселенски мисии.
Во иднина се планира ваквите микрочипови да бидат вградени во вселенски летала и истражувачки ровери, овозможувајќи анализа на примероци директно на површината на други планети и месечини.
Научниците се надеваат дека оваа технологија ќе придонесе за поефикасно откривање потенцијални биолошки траги во вселената и ќе помогне во потрагата по одговор на едно од најголемите научни прашања – дали постои живот надвор од Земјата.
Фото: Илустрација
