Многу смеа и полна сала на гостувањето на Младинскиот сатиричен театар од Славонски Брод во Битола
По повод Денот на Хрватскиот сабор, во Центарот за култура во Битола беше изведена комедијата „Не се врткај наоколу гола“, во режија на Силвио Стилиновиќ, а во изведба на Младинскиот сатиричен театар од Славонски Брод, Хрватска. Претставата привлече голем број посетители, кои со смеа и аплаузи ја наградија младата актерска екипа.

Гостувањето беше организирано од Македонско-хрватското друштво - Хрватски културен центар „Марко Марулиќ“ од Битола, во соработка со Општина Битола и Центарот за култура, со поддршка на Централната државна канцеларија за Хрватите надвор од Република Хрватска.
Режисерот Силвио Стилиновиќ не го криеше задоволството од повторното гостување во Битола, истакнувајќи дека долгогодишната културна соработка придонела за создавање вистински пријателства меѓу уметниците и граѓаните од двата града.
„Навистина се чувствувам како дома. Секогаш ни е драго да се сретнеме со луѓето овде, а особено со нашите Хрвати кои живеат тука. Благодарни сме што го запознавме господинот Маретиќ, кој ни овозможи да воспоставиме контакти и пријателства. Македонците и Хрватите, можам слободно да кажам, станаа пријатели благодарение на соработката со Хрватскиот културен центар. Во Славонски Брод веќе неколку години се одржува фестивал на аматерски театри, на кој учествуваат и театарски аматери од Битола и Ресен. Така се создаде прекрасен мост на пријателство меѓу Битола и Славонски Брод. Разговаравме и за идни соработки, па можеби е време да направиме чекор понатаму. Мојот предлог е да се обидеме да се поврземе и на ниво на нашите градови“, изјави Стилиновиќ.
Гостувањето на театарот од Славонски Брод во Битола веќе прераснува во традиција, а организаторите најавуваат можности за нејзино продолжување и продлабочување на културните врски.
„Веруваме дека оваа традиција ќе продолжи. Во преговори сме за идни соработки на повисоко ниво. Ние ги одбележуваме сите позначајни празници на Хрватска. Оваа година Хрватскиот културен центар беше организатор на повеќе значајни манифестации, иницијатор за потпишување Меморандум за соработка меѓу НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола и Градската библиотека „Марко Марулиќ“ од Сплит, организатор на неодамнешната турнеја на КУД „Илинден“ во Хрватска, како и учесник на меѓународни конференции и семинари“, истакна Бранко Маретиќ, претседател на Хрватскиот културен центар.
Претставата „Не се врткај наоколу гола“ е работена според текст на еден од најпознатите француски комедиографи, Жорж Фејдо, напишан пред повеќе од еден век. Иако станува збор за дело од друго време, режисерот Силвио Стилиновиќ и младата актерска екипа успешно го пренесуваат дејството во современа Хрватска, покажувајќи дека човечките карактери, со сите свои доблести и недостатоци, остануваат речиси непроменети низ времето.
Во претставата настапуваат Славко Радовановиќ, Петра Ковачевиќ, Антонио Јуричиќ, Ноа Маринац и Јан Битуњац. Костимографијата е на Тајана Балаж Јуришиќ, а асистент на режисерот е Саша Кариќ.
Од својата премиера минатата година, претставата бележи успешни гостувања во театри и културни центри низ Хрватска, привлекувајќи бројна публика.
Со динамична режија, спонтана актерска игра и одлично темпо, младите актери успеваат да го задржат вниманието на публиката од првата до последната сцена. Режисерот Стилиновиќ, заедно со асистентот Саша Кариќ, создава сценска поставка исполнета со хумор, енергија и автентичност, која уште еднаш потврдува дека добрата комедија не познава временски граници.
Успехот на овој ансамбл воедно ја нагласува важноста од поддршката на аматерскиот театар и вложувањето во младите таленти. Во време кога културната сцена често се соочува со недоволна вклученост на младите, примерот од Славонски Брод покажува дека театарот може да биде значаен простор за креативност, соработка и уметничко изразување.
Младинскиот сатиричен театар од Славонски Брод постои од 2006 година и е добитник на бројни награди на фестивали во Хрватска и во странство. Со својата континуирана работа, културно значење и можностите што ги отвора за младите актери и љубителите на театарот, ансамблот претставува важен дел од културниот и општествениот живот на Славонски Брод.
Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ од Битола, преку своите активности, продолжува да го промовира хрватското културно наследство, традицијата и јазичниот идентитет, истовремено зајакнувајќи ги културните врски меѓу Македонија и Хрватска.
Оваа соработка трае повеќе од три децении и опфаќа бројни изложби, концерти, театарски претстави, промоции на книги и предавања. Во претстојниот период се најавуваат и концерти на хорот „Стив Наумов“ во Хрватска, музички настани во соработка со Општина Битола, како и традиционалниот Божиќен концерт.
По успешното гостување во Битола, претставата „Не се врткај наоколу гола“ беше изведена и пред публиката во Ресен.
