Локални избори

СДСМ: Поддршката за ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница се намалува, бројот на гласови за СДСМ расте

18.10.2026 22:18

СДСМ оценува дека резултатите од предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница покажуваат намалување на поддршката за ВМРО-ДПМНЕ и зголемување на бројот на гласови за кандидатот на социјалдемократите во споредба со локалните избори во 2025 година.

Според податоците што ги соопшти СДСМ, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2025 година освоил 3.388 гласови, додека на предвремените избори годинава кандидатот на коалицијата „Твоја Македонија“, Стојанчо Радически, добил околу 2.944 гласови. Од партијата посочуваат дека станува збор за намалување на бројот на освоени гласови за приближно 13 проценти.

Во соопштението се наведува дека падот на поддршката за ВМРО-ДПМНЕ е поголем од 20 проценти доколку се земе предвид, како што тврдат од СДСМ, дека кандидатот на владејачката партија ја имал и поддршката од ЗНАМ и Левица.

Од друга страна, СДСМ посочува дека нивниот кандидат за градоначалник во 2025 година освоил 481 глас, додека на годинашните избори кандидатот Јовица Радески добил 706 гласови. Според партиската анализа, тоа претставува зголемување од околу 46 проценти.

„Резултатите во Брвеница го потврдуваат трендот дека поддршката за ВМРО се намалува, а довербата во СДСМ расте“, се наведува во соопштението.

Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), по обработени 100 проценти од избирачките места, најмногу гласови во првиот круг освоил Стојанчо Радически од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со 2.943 гласови (38,90 проценти). Втор е Аркин Јахиј од Националната алијанса за интеграција (НАИ), со 2.152 гласови (28,45 проценти), додека кандидатот на СДСМ, Јовица Радески, е четврт со 706 гласови (9,33 проценти).