Законски измени, кризна состојба и безбедносни прашања денеска пред пратениците
Собранието ќе ги продолжи седниците 121 и 125, а ќе ја започне и 126. седница...

Пратениците денеска ќе расправаат за повеќе законски измени, национални програми и одлуки од областа на безбедноста, образованието и државната ревизија. Собранието ќе ги продолжи седниците 121 и 125, а ќе ја започне и 126. седница.
На продолжението на 121. седница ќе се разгледува Годишниот извештај на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер за 2025 година.
На дневниот ред на 125. седница се измените на Законот за административни службеници, по скратена постапка, како и измените на Законот за надворешни работи, во прво читање. Пратениците ќе ги разгледуваат и предлог-националните програми за високото образование и научноистражувачката дејност за периодот од 2025 до 2030 година.
На новата, 126. седница, ќе се расправа за продолжување на рокот за постоење кризна состојба поради можни нарушувања во снабдувањето со нафта и нафтени деривати во земјава.
Меѓу точките на дневниот ред се и Дополнетиот предлог-закон за државната ревизија, во трето читање, одлуката за испраќање припадници на Армијата во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина, како и предлог-законот за ратификација на Третиот протокол кон Општиот договор за привилегии и имунитет на Советот на Европа.
Пратениците ќе одлучуваат и за избор на надворешен член на Комисијата за хартии од вредност, како и за именување претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „Гоце Делчев“.
