Идризово

Продолжува судењето за „Пулс“, одбраната со нови докази

19.10.2026 09:34

Со докази предложени од одбраната денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. На претходното рочиште, вештакот Петре Русески тврдеше дека биле исполнети условите за пренамена на објектот, но неговите наоди предизвикаа реакции кај обвинителството и семејствата на загинатите.

Со изведување докази предложени од одбраната денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

На претходното рочиште сведочеше вештакот на одбраната Петре Русески, кој тврдеше дека за пренамена на објектот биле поднесени потребните документи и дека биле исполнети условите за работа.

Обвинителството, меѓутоа, отвори прашања за статиката на објектот и изградбата на галериите, со кои внатрешниот корисен простор бил зголемен за 88 квадратни метри. Вештакот изјави дека немало потреба од посебен проект за статика, а градежните зафати ги оцени како занаетчиски работи.

Овие тврдења предизвикаа реакции кај семејствата на загинатите. Одбраната најави дека, доколку наодите на нејзините вештаци се разликуваат од оние на обвинителството, ќе побара супервештачење.

Во пожарот што избувна на 16 март 2025 година за време на концерт на групата ДНК загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.