Македонија

Панел-дискусија за трансформацијата на војувањето и иднината на колективната одбрана на НАТО во Скопје

19.10.2026 09:35

Институтот за национална историја – Скопје, во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“, организира панел-дискусија под наслов „Еволуција или револуција во војувањето? Од Заливската војна до Украина: континуитет, промени и иднината на колективната одбрана на НАТО“.

Институтот за национална историја – Скопје, во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“, организира панел-дискусија под наслов „Еволуција или револуција во војувањето? Од Заливската војна до Украина: континуитет, промени и иднината на колективната одбрана на НАТО“. Настанот кој е дел од тематскиот серијал „Дијалог за историја и стратегија“ ќе се одржи во Порта Македонија, со почеток во 10:30 часот.

Во фокус на дискусијата ќе биде трансформација на современото војување – анализа на воените конфликти и нивниот развој во периодот од Заливската војна па сè до актуелната војна во Украина, влијание на новите технологии – како модерните технолошки иновации ги менуваат воените тактики, стратегии и водењето на воените операции на терен. Тема на дискусија ќе биде и иднината на колективната одбрана: Предизвиците со кои се соочуваат современите вооружени сили и прилагодувањето на безбедносните системи во рамките на НАТО алијансата.

Главен говорник на настанот ќе биде началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Сашко Лафчиски. На панелот ќе учествуваат и претставници на академската заедница, акредитирани воени аташеа, претставници на Воената академија, питомци, професори, постдипломци и експерти за безбедност и одбрана.

Со оваа дискусија организаторите имаат за цел да овозможат размена на стручни мислења меѓу воени претставници, дипломати и истражувачи за историските искуства, новите безбедносни закани и предизвиците пред НАТО и националните одбранбени системи.