Почнува процесот на вработување во Маркард
04.10.2014 10:46
Фабриката во која ќе се произведуваат делови за автомобили ќе се простира на површина од 14 илјади метри квадратни. Првично ќе се отворат 100 работни места, а во следните пет години ќе се вработат 500 до 600 лица...

Германската групација „Маркарт“ денеска во гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес организира Инфо-ден за вработување. Со тоа групацијата го почнува процесот на вработување во новата фабрика која се гради во индустриската зона „Караслари“ во близина на Велес, чие производство треба да стартува кон средината на следната година.
Фабриката во која ќе се произведуваат делови за автомобили ќе се простира на површина од 14 илјади метри квадратни. Првично ќе се отворат 100 работни места, а во следните пет години ќе се вработат 500 до 600 лица.
На Инфо-денот за вработување заинтересираните кандидати може да присуствуваат на различни сесии во училниците во училиштето од 10 до 16 часот, за да дознаат повеќе за Маркарт како работодавач, како и за конкретни информации за работни места.
Четири различни оддели ќе бидат претставени во посебни училници и на секој час ќе се одржи кратка презентација на одделите за производство, логистика, квалитет, како и администрација. Претставник на секој оддел ќе биде на располагање за размена на мислења и одговори на прашања.
Потенцијалните кандидати може да добијат информации и да ги предадат своите биографии на самото место доколку се заинтересирани.
По Инфо-денот за вработување „Маркарт“ ќе ги прегледа и оцени биографиите и ќе воспостави контакт со кандидатите кои ги задоволуваат потребните критериуми за да ги покани на интервју.
