Македонија

Запленети и уништени над пет тони небезбедна храна на скопските пазари, АХВ продолжува со контроли

19.10.2026 10:18

Агенцијата за храна и ветеринарство продолжува со вонредните инспекциски контроли на зелените пазари за сузбивање на нелегалната трговија со овошје и зеленчук. Минатата недела, на Зелен пазар и во Ѓорче Петров, запленети и уништени се над пет тони храна што нелегално се продавала надвор од организираните пазарни простори.

Над пет тони небезбедна храна, главно овошје и зеленчук, биле запленети и уништени минатата недела при вонредните инспекциски контроли на скопскиот Зелен пазар и на пазарот во населбата Ѓорче Петров, информира Агенцијата за храна и ветеринарство.

Контролите се насочени кон сузбивање на нелегалната трговија и продажбата на храна без познато потекло и во несоодветни услови, најчесто од препродавачи кои работат надвор од организираните пазарни простори.

Од АХВ посочуваат дека ваквата продажба ја загрозува безбедноста на потрошувачите, но и ја нарушува конкуренцијата на пазарот, на штета на примарните земјоделски производители и легалните трговци.

Инспекциските акции се спроведуваат во координација со комуналната инспекција на Град Скопје, Министерството за внатрешни работи и Државниот пазарен инспекторат.

Од Агенцијата најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, на различни локации во Скопје и низ државата, со цел заштита на здравјето на потрошувачите, спречување на прометот со небезбедна храна и обезбедување фер услови за работа на легалните трговци и земјоделските производители.