Радичевски и Јахиј ќе се соочат во вториот круг на локалните избори во Брвеница
На локалните избори за градоначалник на Општина Брвеница гласале 7.565 избирачи, односно излезноста е 46,56 проценти.

Кандидатите за градоначалник на Брвеница, Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ и Аркин Јахиј од Националната алијанса за интеграција (НАИ) ќе се соочат во вториот круг од локалните избори, покажуваат конечните податоци од Државната изборна комисија. На локалните избори за градоначалник на Општина Брвеница гласале 7.565 избирачи, односно излезноста е 46,56 проценти.
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, прогласи убедлива победа на неговата партија во првиот круг од предвремените избори за градоначалник на Брвеница, тврдејќи дека кандидатот Стојанче Радичевски освоил околу 3.000 гласови. Рече дека разликата во однос на СДСМ е поголема од „4 спрема 1“.
„Пред Брвеница е уште една важна одлука. На 1 ноември граѓаните повторно ќе имаат можност да одлучуваат за иднината на својата општина. Ќе побараме поддршка од сите граѓани на Брвеница. Во овој изборен процес влеговме со јасна програма, со конкретни проекти и со цврста определба да ја продолжиме започнатата работа. И со тие цели продолжуваме и понатаму“, нагласи Мицкоски.
Првичните резултати од аналитичкиот центар на СДСМ за изборите за градоначалник на Брвеница покажуваат дека во споредба со изборите од 2025-та, гласовите на ВМРО-ДПМНЕ се намалиле за 13 насто, а гласовите на СДСМ се зголемиле за 46 проценти, велат од опозициската партија.
Според СДСМ, падот на ВМРО-ДПМНЕ е уште поголем, над 20 насто, ако се има предвид дека и ЗНАМ и Левица го поддржаа кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ во 2025 година освои 481 глас за кандидатот за градоначалник, а сега, 2026 година, кандидатот на СДСМ, Јовица Радески освои 706 гласа, што е зголемување за 46 проценти, стои во соопштението од „Бихаќка“.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) го поздрави резултатот на кандидатот на Националната алијанса за интеграција (НАИ), Аркин Јахиј. Од ДУИ оценуваат дека резултатот ја одразува поддршката од граѓаните и ја нагласуваат важноста од континуиран ангажман за локален развој, достоинствено претставување и институции што ќе им служат на сите граѓани, без разлика на нивната припадност.
Кандидатот за градоначалник на општина Брвеница од Влен, Јакуп Хусеини вчеравечер во штабот на кандидатот на НАИ, Аркин Јахиј му го честита влезот во вториот круг од предвремените локални избори.
