„Дамата со камелии“ на 22 октомври на сцената на Националната опера и балет
Балетската претстава „Дамата со камелии“, инспирирана од љубовната приказна за Маргарита и Арман, ќе биде изведена на 22 октомври, со почеток во 20 часот, во Националната опера и балет. Во главните улоги ќе настапат Марија Кичевска Шокаровска и шпанскиот балетски уметник Франциско Хименес Руиз.

Балетската претстава „Дамата со камелии“, емотивна приказна за љубовта, страста и жртвата, ќе биде изведена на 22 октомври на сцената на Националната опера и балет, со почеток во 20 часот.
Инспирирана од познатата приказна за Маргарита и Арман, претставата ја пренесува нивната љубовна судбина преку балетскиот израз и музиката на Џузепе Верди, која ја надополнува драматургијата и ги истакнува личните жртви и општествените ограничувања со кои се соочуваат главните ликови.
Со претставата ќе диригира Едуард Амбарцумјан од Ерменија, а кореографијата е на рускиот кореограф Василиј Медведев, кој соработува со водечки балетски театри, меѓу кои „Бољшој“ во Москва и „Марински“ во Санкт Петербург. Сценографијата и костимографијата се на Павол Јураш од Словачка, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска.
Во главните улоги на Маргарита и Арман ќе настапат Марија Кичевска Шокаровска и Франциско Хименес Руиз од Шпанија, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
Со раскошна сценографија, впечатливи костими и кореографија што ги спојува елеганцијата на балетот и силата на сценските емоции, „Дамата со камелии“ ја оживува безвременската приказна за љубовта и жртвата.
