Култура

Балетската претстава „Ноќта поскапа од векот“ на Игор Киров премиерно во Белград

19.10.2026 20:06

Во „Битеф театарот“ во Белград се одржа премиерата на балетската претстава „Ноќта поскапа од векот“, во кореографија на македонскиот кореограф Игор Киров. Инспирирана од истоимената поема на Петар II Петровиќ Његош, претставата преку современиот танц ги истражува љубовта, копнежот, страста и осаменоста.

Во „Битеф театарот“ белградската премиера на балетската претстава „Ноќта поскапа од векот“ во кореографија на нашиот реномиран кореограф Игор Киров. Претставата, која е инспирирана од истоимената поема од Петар II Петровиќ Његош, претставува современ танцов дијалог со еден од најинтимните текстови на големиот поет. Преку јазикот на современиот танц, музиката и сценското движење, се истражува копнежот, страста, осаменоста и минливоста, барајќи го моментот во кој се среќаваат земското и божественото.

„Мене ми е драго дека после двете премиери во Народниот театар во Белград, дојде и мојата трета премиера во Битеф театарот. Ова претстава за мене е голем предизвик, бидејќи станува збор за дело кое било забрането, да биде претопено и споено во движење кое за мене и за тимот на претставата претставува едно емоционално патување“, вели кореографот Игор Киров.

„Ноќта поскапа од векот“ е љубовна поема од Његош, која тој ја носел блиску до срцето, под мантија, за подоцна да ја запали. Благодарение на зачуван примерок, таа преживеала како сведоштво за неговата лична жртва и одрекувањето од љубовта заради историската и општествена улога.

Во претставата, девет играчи преку движење обликуваат различни емоционални состојби и внатрешни конфликти. Телата стануваат израз на копнеж, страст и осаменост, а кореографијата станува место за средба на интимното човечко искуство и космичките димензии на поезијата на Његош.

„За мене беше исклучително задоволство и прекрасно искуство да соработувам со голем кореограф како Игор Киров. Добивме нова нијанса во движењето. Јас никогаш порано немам работено вака голем проект, поготово да бидам една најбитните улоги во претставата, така што ова за мене беше исклучително искуство и многу ќе ми значи во мојата понатамошна работа“, вели Данило Фатиќ, танчар.

Претставата е во копродукција со Град театарот Будва. Во авторскиот тим се и композиторката Ирена Поповиќ Драговиќ, драматургија е на Ѓорѓе Ќосиќ. Играат Данило Фатиќ, Олга Црносељански, Дејан Бошковиќ, Емануеле Фриго, Александар Полупанов.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ