Вангелина Пармачка од Будинарци меѓу 100-те жени херои на ФАО
Земјоделката Вангелина Пармачка од беровското село Будинарци е меѓу 100-те жени од целиот свет избрани во иницијативата на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). На Светскиот форум за храна во Рим, таа ја претстави Северна Македонија и доби признание за својот придонес во земјоделството и руралниот развој.
Вангелина Пармачка од беровското село Будинарци е избрана меѓу 100-те жени херои во агро-прехранбените системи и руралниот развој, во иницијатива на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). На 15 октомври таа ја претстави Северна Македонија на Светскиот форум за храна во Рим, каде што доби признание во седиштето на организацијата.
Пармачка заедно со своето семејство управува со фарма со околу 600 овци и произведува традиционално овчо сирење. Нејзините секојдневни обврски опфаќаат грижа за животните, производство и пласман на производите.
„Горда сум што сум земјоделка и што со заедничка работа ја обезбедуваме егзистенцијата на нашето семејство“, вели Пармачка, за која сточарството е професија од која може чесно да се живее.
Покрај работата на семејната фарма, таа е членка на Управниот одбор и координаторка на Мрежата на жени фармери при Националната федерација на фармери. Преку овој ангажман се залага за поголемо признавање на трудот на руралните жени, подобри услови за работа и живот и зајакнување на нивните права.
Заедничките активности на жените фармери придонеле за иницирање посебна мерка за поддршка на нивните инвестиции во Програмата за рурален развој, како и за воспоставување програма за социјална сигурност на жените што вршат земјоделска дејност, отворајќи пат кон регулирање на породилното отсуство за регистрираните земјоделки.
Иницијативата на ФАО се реализира во рамки на Меѓународната година на жената земјоделка 2026, прогласена од Обединетите нации. Целта е да се истакне придонесот на жените во производството, преработката и трговијата со храна, како и нивната улога во развојот на руралните заедници.
Признанието за Вангелина Пармачка ја претставува работата и посветеноста на земјоделките од земјава на меѓународно ниво и испраќа порака за важноста од поголема поддршка и еднакви можности за жените во земјоделството.
