Финансии

Од ноември нови стандарди во платниот промет, броевите на сметките остануваат исти

19.10.2026 14:23

Од ноември почнува примената на новите стандарди во националниот платен промет, со кои се воведуваат нови платни налози и четиризнаковни ознаки за целта на плаќањето. Македонската банкарска асоцијација појаснува дека бројот на постојните платежни сметки нема да се менува, а банките ќе ги приспособат електронското и мобилното банкарство.

Од ноември почнува примената на новите стандарди во националниот платен промет, кои предвидуваат промени во платните налози, ознаките за целта на плаќањето и начинот на означување на платежните сметки, информира Македонската банкарска асоцијација (МБА).

Промените произлегуваат од Законот за платежни услуги и платни системи и од соодветните подзаконски акти на Народната банка, а се дел од процесот на модернизација на платните системи во земјава.

Од МБА појаснуваат дека за граѓаните и компаниите најважно е што броевите на постојните платежни сметки остануваат исти. При плаќањето, сметките ќе се користат во ИБАН-формат, со додавање на ознаката МК07 пред постојниот број. Приспособувањето на електронското и мобилното банкарство ќе го извршат банките.

Со новите стандарди ќе се воведат и стандардизирани платни налози, кои ќе ги заменат досегашните обрасци ПП10, ПП30, ПП40, ПП50 и ПП53. Тие ќе се користат и во хартиена и во електронска форма.

Промени ќе има и кај ознаките за целта на плаќањето. Досегашните нумерички шифри ќе бидат заменети со нови четиризнаковни ознаки, со цел попрецизно наведување на намената и подобра бработка на податоците.

Компаниите што користат автоматизирана размена на налози, сметководствени системи и други интегрирани решенија, доколку има потреба од технички приспособувања, ќе добијат информации од своите банки.

Од Македонската банкарска асоцијација ги повикуваат граѓаните и компаниите да ги следат известувањата и упатствата што ќе ги објавуваат банките за користењето на ИБАН, новите платни налози и останатите промени.

Целта на новите стандарди е подобрување на квалитетот на податоците и поефикасна обработка на платежните трансакции, без прекини во користењето на платежните услуги.