Усвоен Законот за државна ревизија, се предвидува поголема независност на ДЗР
Новиот Закон за државна ревизија треба да ја зајакне независноста на Државниот завод за ревизија, да ги унапреди професионалните критериуми и да ја зголеми транспарентноста во контролата на јавните средства. Предвидени се и механизми за следење на спроведувањето на ревизорските препораки.

Собранието го усвои Законот за државна ревизија, со кој се предвидува посовремена законска рамка за работа на Државниот завод за ревизија и зајакнување на неговата институционална независност, информира Министерството за финансии.
Целта на законските измени е унапредување на системот на јавните финансии, поголема отчетност на институциите и потранспарентно управување со јавните средства, во согласност со меѓународно прифатените стандарди и принципи за ревизија.
Една од клучните новини е предвиденото дополнително зајакнување на независноста на Државниот завод за ревизија. Со законот се утврдува дека ДЗР самостојно ќе одлучува кои ревизии и кои субјекти ќе бидат опфатени со Годишната програма за работа.
Се прецизира и опсегот на државната ревизија. Покрај институциите и другите субјекти што располагаат со јавни средства, ревизија ќе може да се врши и кај поврзани субјекти кога постои економски, финансиски или друг интерес и кога се користат средства што претставуваат јавни расходи.
Законот предвидува и промени во изборот и статусот на главниот државен ревизор и неговиот заменик, со акцент на професионалните критериуми, како и проширување на надлежностите на главниот државен ревизор. Предвидено е и унапредување на професионалноста и развојот на човечките ресурси во ДЗР.
Дополнително, се уредува следењето на спроведувањето на ревизорските препораки. Целта е утврдените слабости да не останат само констатирани, туку да се преземат мерки за нивно отстранување и за подобрување на управувањето со јавните средства.
Од Министерството за финансии оценуваат дека новата законска рамка треба да придонесе кон поефикасно, поекономично и поодговорно користење на јавните средства, како и кон поголема отчетност на институциите пред Собранието и граѓаните.
