Локални избори - Брвеница

На први ноември, втор круг за градоначалник на Брвеница

19.10.2026 17:06

Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ и Аркин Јахиј одат во вториот круг од вонредните локални избори за градоначалник на Брвеница, потврди ДИК. За ВМРО-ДПМНЕ ова е убедлива победа и очекуваат уште поголема поддршка на први ноември. Од СДСМ со став – не сме задоволни со резултатите, но и покрај тоа довербата на граѓаните расте …

Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ и Аркин Јахиј од Националната алијанса за интеграција во трка во вториот круг за градоначалник на Брвеница – официјално потврди Државната изборна комисија. Радичевски освоил 2.945 наспроти Јахии кој ја доби довербата од 2,152 жители на општината.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека освоиле убедлива и значајна победа во Брвеница. Очекува во вториот круг уште поголемо консолидирање на гласачкото тело.

СДСМ не е задоволен со резултатите. Нивниот кандидат Радевски е на четвртото место по освоени гласови, но на Бихаќка велат дека се задоволни оти довербата им растела. Тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ веднаш ги објавила изборните резултати во саботата кога гласаат болните и затворениците, спротивно на Изборниот законик.

И додека Аркин Јахиј се надева на сигурна победа во вториот круг, од „Вреди“ велат дека ги поддржуваат општините, без разлика кој е на власт.

Течат роковите за приговор, а вториот круг од изборите во Брвеница ќе се одржи на први ноември.

Миле А. Ристески