Цени на горива

Кризната состојба продолжува, неизвесни движењата на цените

19.10.2026 17:54

Со 70 гласа „за“, Собранието ја продолжи кризната состојба за нафтата до 20 април 2027 година. Од полноќ бензините поевтинуваат, а дизелот поскапува. Владата продолжува да преговара со ОКТА за попуст и уверува дека цената на електричната енергија ќе остане непроменета до крајот на годината.

Со 70 гласа „за“ и без „против“ и „воздржани“, Собранието ја донесе одлуката за продолжување на кризната состојба за нафтата до 20 април 2027. Со ова се продолжува претходната мерка изгласана на 20 јули годинава, чија важност истекува утре.

Од Владата велат дека причините за прогласување на кризната состојба остануваат непроменети, оти ризиците и опасностите од можна нестабилност сè уште не се надминати.

Во меѓувреме, дизелот поскапува, бензините поевтинуваат. Од полноќ ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 2,50 ден/лит, а ЕУРОДИЗЕЛ се зголемува за 2,00 ден/лит.

Владата очекува договор со ОКТА за дополнителен попуст од два денари по литар. Премиерот рече дека се разговара за дополнително намалување на цената на дизелот, а преговорите со снабдувачот продолжуваат.

Македонија останува земја со најевтина храна и пијалаци во регионот, вели премиерот Мицкоски, откако податоците на Евростат покажуваат дека цената на храната и безалкохолните пијалаци се за 25% пониски од просекот на 36 европски земји.

И покрај енергетската криза, премиерот уверува дека до крајот на годината нема да поскапи струјата, за разлика од претходно, кога електричната енергија била речиси двојно зголемена.

Борис Грујоски