Европа

Врие во Европа, насилни протести во Париз и други градови

19.10.2026 19:45

Врие во Европа. Протести во Албанија, Италија, Франција, Португалија. Граѓаните едногласни, бараат намалување на трошоците за живот, цените на горивата, подобри услови за работа. Во насилствата што избувнаа на улиците во овие четири држави викендов, илјадници луѓе се уапсени, предизвикана е голема материјална штета. Владите бараат механизми за справување со хаосот и смирување на тензиите.

Продолжуваат масовните протести во Европа против високите трошоци за живот. Францускиот премиер Себастијан Лекорни побара локални полициски часови по насилните протести во Париз и други градови. Илјадници луѓе беа приведени викендов, претседателот Макрон ја одби оставката на министерот за внатрешни работи.

„Сите треба да разберат дека сум решен да воспоставам ред. Ќе ги искористиме сите средства со кои располага владата, ако е потребно и ќе ги употребам“, изјави Себастиен Лекорну, премиер на Франција.

ЕУ изјави дека правото на мирен протест мора да биде заштитено, но ги критикуваше сцените на подметнување пожари, грабежи и напади врз јавни објекти.

„Оние што протестираат мирно не смеат да се поистоветуваат со оние што вршат насилство. Подметнувањето пожари, грабежите и нападите врз луѓе или јавни објекти се неприфатливи“, изјави Маркус Ламерт, портпарол на Европската комисија.

Слична слика и во Италија, со солзавец и водени топови растерани демонстрантите во Милано и Болоња. Денеска на протест излегоа возачите на камиони и земјоделците. Сите инсистираа на истото: ефективни мерки за справување со високите цени на горивото.

„За жал, полнењето на резервоарот сега стана извор на нервоза. Се наоѓаме во вистински хаос, веќе не знаеме што да правиме“.

„Главниот проблем денес е високата цена на дизелот, која влијае на сите други трошоци. Сето ова создава сложена ситуација, а со тоа и пораст на трошоците за живот, што влијае не само на секторот за патен транспорт, туку и на сите други граѓани“.

Во Португалија, демонстрантите во Лисабон поставија шатори на плоштадот „Росио“ и побараа соодветни јавни политики кои би можеле да се справат со растечките цени на домувањето. Полицијата апелираше до демонстрантите сами да ги отстранат шаторите, во спротивно ќе мора да интервенира. Организаторите во Порто ќе продолжат со штрајкот до 31 декември.

„Бараме да се почитува нивното право да заземат јавен простор на индивидуален начин. Тоа е демократско право, а токму тоа и го прават.“

„Заземањето јавен простор подлежи на правила. Ви кажувам – а и вие го знаете тоа – дека кампувањето не е дозволено. Многу сум јасен во врска со ова: кампувањето не може да продолжи“, изјави Резенде Силва, полициски началник.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, објави дека секој полицаец вклучен во справувањето со насилните протести ќе добие награда од 2.500 евра. Анти-владините демонстранти, пак бараат негова оставка. Уличните немири резултираа со стотици уапсени и голема материјална штета.

„Студентите велат: за нас не е важно кој ќе дојде, важно е дека Еди Рама мора веднаш да си замине. Тој мора да си замине, бидејќи е диктатор“.

„Не се плашам пред сите светски камери да кажам дека страдаме во оваа земја. И не е сè вистина што го зборува Еди Рама“.

Денес во Тирана се одржува седмиот протест, кој почна со студентскиот бунт на 13 октомври и ескалираше во насилни демонстрации и стотици уапсени.

 

Маријана Димовска