Навредливи и провокативни се изјавите на Демерџиев и Радуков, реагираат од МНР
Министерството за надворешни работи го повика вршителот на работи во бугарската амбасада по изјавите на министерот за внатрешни Иван Демерџиев и амбасадорот Желјазко Радуков за случајот со Ива Михаилова. Од МНР оценуваат дека изјавите се навредливи и провокативни и дека претставуваат мешање во внатрешните работи на државата.

Навредлива и провокативна е изјавата на министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Демерџиев, во врска со случајот со Ива Михаилова. Изјавата пак, на амбасадорот Желјазко Радуков за бугарската телевизија БТВ, е директно мешање во внатрешните работи на нашата држава. Ова му било пренесено на претставник на Амбасадата на Република Бугарија, кој ја извршува функцијата вршител на работи и беше повикан во македонското Министерство за надворешни работи. Посебно нагласено било дека ваквите провокации го оддалечуваат билатералниот дијалог од рамката во која треба да се развиваат добрососедските односи.
„Воедно, беше изразено незадоволство и од изјавата на амбасадорот Желјазко Радуков за бугарската телевизија БТВ, која ја оценуваме како директно мешање во внатрешните работи на нашата држава, имајќи ги предвид изнесените квалификации во однос на работата на надлежните институции. Од наша страна беше посебно нагласено дека ваквите провокации го оддалечуваат билатералниот дијалог од рамката во која треба да се развиваат добрососедските односи, врз основа на меѓусебно почитување, воздржаност и конструктивна комуникација“, соопштуваат од Министерството за надворешни работи.
Во интервју од пред два дена бугарскиот министер Демерџиев повтори дека бугарските власти не ја бараат Михајлова и дека немаат намера да ја предадат на македонските власти. Амбасадорот Радуков, пак, вчера во изјава изрази сомнеж дека Михаилова ја напуштила Македонија без знаење на властите, иако нагласи дека не може да го потврди тоа.
Од Министерството за правда чекаат официјална потврда дека Михаилова е обезбедена од бугарските власти.
Михаилова избега од државава и покрај мерките на претпазливост. Кочанскиот суд ѝ одреди 30-дневен притвор и беше распишана меѓународна потерница. Обвинета е во постапка поврзана со сообраќајна несреќа со смртни последици.
Марина Стојанова-Тонева
