Предлогот за правосудниот испит ќе оди пред Венецијанската комисија
За јазикот на кој ќе се полага правосудниот испит, министерот Шасивари ќе бара мислење и од Венецијанската комисија. Вели, нашата определба е конечниот предлог да биде усогласен со највисоките европски правни стандарди. Студентите Албанци бараат цел правосуден испит на мајчин јазик, во спротивно се заканија со протести. Не се задоволни бидејќи два испита треба да се полагаат на македонски.

Дванаесет испити на албански, два на македонски јазик – ова е предлогот на министерот за правда за полагање на правосудниот испит. Студентите Албанци го оценија како победа, но остануваат на барањето целиот правосуден испит да го полагаат на мајчин јазик. Се повикуваат на Уставот и законите за употреба на јазиците, а доколку не се почитува нивното барање, најавуваат нови протести.
„Нашето барање е целиот правосуден испит да го полагаме на албански јазик. Предлогот на министерот е победа за нас бидејќи околу 84 отсто од испитот ќе се полага на албански јазик. Не сме задоволни бидејќи два испита треба да се полагаат на македонски јазик. Имаме Закон за употреба на јазиците, кој им дозволува на албанските студенти правосудниот испит да се полага на албански јазик. Ние не бараме ништо освен да се почитуваат Уставот и законите“, изјави Сухејб Мемети – Универзитет „Мајка Тереза“.
Предлогот предвидува теоретскиот дел да се полага на албански, а практичниот на македонски јазик. Министерот ќе го достави до Венецијанската комисија, по што ќе влезе во собраниска процедура. Шасивари вели дека решението треба да се договори низ дијалог со студентите и деканите на петте правни факултети, а не зад затворена врата.
„Овој модел има за цел да обезбеди порамноправни можности за кандидатите кои ги завршиле правните студии на друг јазик, истовремено зачувувајќи го единствениот професионален стандард за вршење на правните функции. Измените немаат за цел создавање паралелни системи за полагање на правосудниот испит, туку воспоставување единствен модел во кој јазичната инклузивност и професионалните стандарди меѓусебно се надополнуваат“, нагласи министерот за правда Јетон Шасивари – министер за правда.
Од ДУИ, пак, го оценуваат предлогот како скандалозен. Велат дека Уставот и законите не смеат да бидат предмет на политички пазарења. Студентите имаат право правосудниот испит да го полагаат на албански јазик.
Андријана Ѓурческа
