Продолжи судењето за „Пулс“, повторно сведочеше вештакот на одбраната
Вештакот Петре Русески останува на ставот дека објектот во кој избувна пожарот во Кочани од градежен аспект ја исполнил својата намена. На рочиштето се отвори и прашањето за трите влеза и излези, за кои Русески рече дека не ги оценувал како излези за евакуација.

Со повторно сведочење на вештакот на одбраната Петре Русески денеска во судницата во Идризово продолжи судењето за случајот „Пулс“ во Кочани.
Вештакот Русески не смета дека треба да биде изземен од вештачењето за пожарот во „Пулс“, откако обвинителката Наташа Сарамандова откри дека е обвинет за давање лажен исказ во друг предмет. Тој и на денешното рочиште остана на ставот дека од градежен аспект објектот одговорил на својата намена и дека изведените зафати биле градежно-занаетчиски работи. Посочи дека за противпожарната функционалност, евакуацијата и електричните инсталации се потребни оценки од стручни лица од соодветните области.
„Што се однесува дали конструкцијата имала влијание врз пожарот, реков треба да се испита дали материјалите го ширеле пожарот и како градбата реагирала … Од мој градежен аспект објектот и материјалите во него не придонеле и не била надмината неговата противпожарна околност и целосно одговорил на својата намена. Од градежен аспект нема последици врз пожарот“, изјави Русески.
Обвинителството го праша вештакот дали е негов став дека посетителите можеле да ги користат сите три излези, како што навел во вештиот наод, на што Русески рече дека имало три влеза и излези, но не навел дека се за евакуација. Според него, тоа прашање е за вешто лице од областа на противпожарната заштита.
Судењето продолжува со изведување докази предложени од одбраната.
Ана Јосифоска
