Светот низ бои и сенки на Јовановски
Ликовната уметност, простор за мир, но и личен израз. Игра на бои, светлина и сенки. Кумановскиот уметник Далибор Јовановски ги обединува сликарството, цртежот и поп-артот, испраќајќи порака за креативноста и значењето на творењето.

Коњи во необични колористички решенија, игра на светлината и сенките, портрети и препознатливи поп-арт елементи. Изложбата „Од самрак до зори“ на авторот Далибор Јовановски, обединува различни ликовни пристапи, но ги поврзува во заедничка потрага по хармонија, емоција и комуникација со гледачот.
„Коњот најчесто го употребувам како модел за сликање, може да се прават многу варијанти, кај мене со игра на бои, сакам да ја менувам онаа природа боја на коњот со помош на колористични бои, бидејќи најчесто овде во овој дел ми е претставена ноќта, но и сите оние вештачи светла, улично осветлување, каде што е претставено како контраст“, вели Далибор Јовановски, автор на изложба.
Во делата, работени во акрил на платно, се преплетуваат сликарството, цртежот и графичкиот дизајн. Коњот е прикажан како симбол на природна совршеност и смиреност, додека портретите откриваат поинаков, хетероген ликовен израз.
„Со овие слики тој сака да воспостави комуникација со гледачот и да му сервира една смиреност. Во секој случај, Далибор со оваа изложба се претставува како автор кој има широк дијапазон на делување“, истакна Роберт Цветковски, историчар на уметност.
Но, Јовановски е и наставник по ликовно образование. Верува дека секој може да го пронајде својот начин на уметничко изразување, дали преку цртање, сликање, вајарство или дизајн.
„Ги советувам учениците, кога ќе завршат, да продолжат да творат, само лично за себе. Тие поминати половина час надвор од телефон, медиуми, негативни влијанија, ќе влијаат многу позитивно“, дополни Јовановски.
Понекогаш вели доволни се молив, четка и половина час, за да започне едно поинакво патување.
Елена Георгиевска
