Изумираат старите занаети во Струмица, нема интерес кај младите за да ги наследат!

04.10.2014 16:34

Струмица како град на занаетчиството во минатото, го губи епитетот со изумирањето на старите занаети. Многу ретко може да се најде занатлија мајстор, а и тие малку што ги има се постари и работат дома...

Старите занаети во Струмица полека изумираат. Само двајца часовничари останаа да се грижат за точноста на времето на струмичани. Мајстор Анчо Јанаков скоро половина век лебот го вади прецизно местејќи ги запчаниците и стрелките на часовниците. Не сака да го напушти занаетот, зашто нема кој да ја наследи неговата вештина.

Во минатото имаше работа преку целиот ден, тогаш немаше електронски часовници. беше се механичко и народот имаше повеќе будилници, додека денеска се е елктроника, мобилни телефоните ги исфрлија будилниците“, објаснува Анчо Јанаков- часовничар.

Најчести муштерии им се повозрасните кои како скап реликт ги чуваат старите часовници.

Човек мора да го изостри окото за прецизно да го реши проблемот, велат мајсторите, кои се сведоци за заминувањето на традиционалното занаетчиство во историјата.

Ние бевме занаетчии 8 луѓе на времето. Сега останавме само двајца. Шивачи не гледам веќе во Струмица. Калајџии има двајца. Ковачи немаме, самарџија немаме а низ селата треба, кондурџија немаме“, вели мајстор Митко.

Во Комората на занаетчии велат дека нема регистрирано други трасдиционални занаети освен часовничари. Најбројни денес се фризерите, козметичарите, угостителите.

Во стручните трудови на струмичкиот музеј стои дека градот под царевите кули имал силна генеза на занаетчиството кои својот врв го достигнало во 70-тите години на 19-тиот век од кога почнува крајот на воденичарите, ковачите, кујунџиите, пајтонџиите.

 

Катерина Давчева