Македонија

Јавните обвинители бараат итна одлука од Уставниот суд за намалените коефициенти за плати

20.10.2026 11:39

Повеќе од осум месеци нема одлука по иницијативите за оценување на уставноста на законските измени со кои по третпат беа намалени коефициентите за пресметување на платите на јавните обвинители и членовите на Советот.

Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство и Здружението на јавните обвинители бараат од Уставниот суд итно да одлучи по иницијативите за оценување на уставноста на законските измени со кои по третпат беа намалени коефициентите за пресметување на платите на јавните обвинители и членовите на Советот.

Од Здружението изразуваат сериозна загриженост поради тоа што повеќе од осум месеци нема одлука, предупредувајќи дека намалувањето на платите може да ја доведе во прашање самостојноста на Обвинителството и да го зголеми одливот на кадар.

Посочуваат и на ниските плати, недостигот од обвинители, ограничениот буџет и несоодветните услови за работа, кои, според нив, го загрозуваат нормалното функционирање на Обвинителството и заштитата на правата на граѓаните.

Од јавнообвинителската фела очекуваат Уставниот суд да постапи по иницијативите и бараат состојбата да биде нотирана и во претстојниот извештај на Европската комисија за земјава.