Поречието станува сѐ поатрактивна туристичка дестинација!
Поречието во Македонски Брод станува вистинска туристичка мека. Постои вистинска борба кој да ги купи плацевите за викенд куќи покрај езерото Козјак, кои се распродаваат во рекорно брз временски рок. Угостителите кои имаат свои објекти таму, постојано ги прошируваат своите капацитети поради се поголемиот наплив на туристи од цела Македонија, но и од странство...

Плацевите за изградба на викенд куќи покрај езерото Козјак се распродаваат како алва. За последните 25 плацеви имало вистинска борба помеѓу 130 заинтересирани, а наредниот месец на продажба ќе бидат уште 46. Досега се продадени над 270 локации. Поречието станува вистинска туристичка атракција. Угостителот Славе Цветаноски секоја година го проширува бизнисот поради зголемената побарувачка.
„Доаѓаат гости, од Скопје и од сите други градови на Македонија, ние сме презадоволни. Почнавме од ништо, а сега стигнавме освен ресторанот да изградиме и бунгалови“, истакна Славе Цветаноски, угостител.
Рестораните никнуваат како печурки после дожд, се градат нови, и постојано се зголемуваат старите капацитети.
„Од година во година се повеќе гости доаѓаат во овој дел, странците претежно доаѓаат бидејќи изградивме и хотел каде можат да преспијат“, кажа Димче Златески, угостител.
„Ние засега сме презадоволни, мислам дека ќе бидеме уште позадоволни, затоа што сопственикот сега најавува изградба на бунгалови и сместувачки капацитети“, рече Мире Јованоски, угостител.
Досега се продадени и две локации за изградба на хотели покрај езерото Козјак, а наредниот месец на продажба ќе се даде уште една локација. Почетната цена за плацевите е само 1 евро од метар квадратен.
Општината сега ќе врши едикација како да се конкурира за ипард програмата за проекти во рурални средини.
„Општина Македонски Брод е рурална средина и може да се аплицира за ИПАРД програмата каде за изградба на хотели се доделуваат и до 750.000 евра, од кои 50 проценти се неповратни средства“, изјави Милосим Војнески, градоначалник на М. Брод.
Со изградбата пак на патот Брод–Скопје, која се најавува за скоро време, ова место ќе стане вистинска туристичка мека.
Дарко Штаргоски
