Историска мисија на Јапонија до една од месечините на Марс

20.10.2026 12:40

Јапонија започна историска вселенска мисија чија цел е да донесе примероци од една од месечините на Марс, со надеж дека тие ќе помогнат во расветлувањето на потеклото на Сончевиот Систем и начинот на кој настанал животот на Земјата.

Во рамките на мисијата за истражување на месечините на Марс (MMX), што ја спроведува Јапонската агенција за вселенски истражувања (JAXA), вселенското летало беше лансирано со ракета H3 од Вселенскиот центар Танегашима, во југозападниот дел на Јапонија.

Од JAXA соопштија дека вселенското летало успешно се одвоило од горниот степен на ракетата и дека лансирањето било успешно.

Се очекува леталото да пристигне до Марс во август следната година и да собере најмалку 10 грама примероци од почва и карпи од површината на Фобос, една од двете мали месечини на планетата.

Планирано е примероците да бидат донесени на Земјата во 2031 година.

Фобос, кој има пречник од околу 22,5 километри, орбитира на приближно 6.000 километри над површината на Марс и прави три обиколки околу планетата во текот на еден ден.

Астрофизичарот на НАСА, Том Статлер, кој учествува во проектот, по лансирањето изјави дека тимот чувствува огромна возбуда.

„Има многу адреналин, огромна возбуда и чувство на восхит“, рече Статлер.

Во петгодишната мисија соработуваат пет вселенски агенции.

Проектот, чија вредност изнесува околу 578 милиони долари, вклучува вселенско летало тешко пет тони, како и истражувачки ровер наречен „Идефикс“, заеднички развиен од Франција и Германија.

Планирано е „Идефикс“ да ја истражува површината на Фобос во период од околу 100 дена, со цел да ги утврди безбедните локации за слетување на главното вселенско летало и за собирање примероци.

Потоа главното летало ќе слета на Фобос и во операција што ќе трае приближно два часа ќе собере примероци од неговата површина.

Во рамките на мисијата ќе се набљудува и Деимос, другата месечина на Марс, при неколку блиски прелетувања.

Научниците веќе подолго време расправаат за потеклото на Фобос и Деимос.

Според една теорија, двете месечини настанале од материјалот што бил исфрлен во вселената по судир на големо небесно тело со Марс.

Според друга теорија, станува збор за астероиди што биле заробени од гравитациското поле на Марс.

Претставниците на JAXA сметаат дека примероците што ќе бидат донесени од Фобос би можеле да помогнат во утврдувањето која од овие две теории е точна.

Се очекува примероците да понудат и важни сознанија за минатото на Марс, како и за начинот на кој се формирале условите погодни за живот.

Мисијата има големо значење и за идните истражувања насочени кон испраќање луѓе на Марс.

Подоброто разбирање на структурата на Фобос и Деимос би можело да помогне во процената дали овие месечини во иднина би можеле да се користат како бази за истражување на Марс.

Соединетите Американски Држави и Кина, исто така, работат на проекти за донесување примероци од карпи од Марс на Земјата.

Роверот „Персеверанс“ на НАСА собира примероци од површината на Марс од 2021 година, но плановите за нивно враќање на Земјата сè уште се неизвесни.

Кинеската мисија „Тјанвен-3“, пак, се планира да биде лансирана околу 2028 година, со цел примероците од Марс да почнат да пристигнуваат на Земјата од 2031 година.