ДЗР: Неправилности, спорни набавки и работење без лиценци во игрите на среќа
Долгорочни договори, неусогласени парични влогови, недостатоци во трошењето средства и слабости во контролата на приредувањето интернет и електронски игри на среќа, утврдил Државниот завод за ревизија при проверката на пет друштва во кои Државна лотарија има 51 насто сопственички удел...

Долгорочни договори, неусогласени парични влогови, недостатоци во трошењето средства и слабости во контролата на приредувањето интернет и електронски игри на среќа, утврдил Државниот завод за ревизија при проверката на пет друштва во кои Државна лотарија има 51 насто сопственички удел.
Ревизијата се однесува на финансиските извештаи и усогласеноста на работењето за 2024 година. Поради утврдените неправилности, Државната ревизија изрази неповолно мислење за финансиските извештаи и за усогласеноста на активностите и финансиските трансакции со законите и воспоставените политики.
Кај друштвата за приредување интернет игри на среќа, основани во 2023 и 2024 година, наместо 2.171.470 евра, во договорите за основање биле наведени влогови од 771.470 евра. За разликите не биле приложени соодветни и веродостојни докази.
„Слабости се утврдени и при набавките на софтвер, интернет-платформи со играчки содржини, како и услуги за одржување и техничка поддршка на терминали за видеолотарија. Постапките биле спроведувани врз основа на јавни повици и интерни правилници, без примена на Законот за јавните набавки. Во најголем дел од постапките била доставена само една понуда, а биле склучувани договори со рок на важење од 15 години кај дел од друштвата“, велат од ДЗР.
Меѓу другите неправилности во работењето на петте фирми каде мнозинскиот пакет го поседува државна лотарија, ревизорите утврдиле дека не е воспоставен надзорен информациски систем со кој би се обезбедило следење и контрола на уплатите, исплатите, прометот и приходите од електронските игри на среќа.
ДЗС констатира дека сè уште постојат веб-страници, достапни од територијата на Македонија преку кои се приредуваат игри на среќа, без издадена лиценца.
Миле А. Ристески
