Финансиска полиција

Кривична пријава против поранешен директор на „Пошта“ за злоупотреба на службената положба

20.10.2026 15:14

Финансиската полиција поднесе кривична пријава против поранешниот генерален директор на АД „Пошта на Северна Македонија“ поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување. Според пријавата, со непостапување по одлуки за исплата на долг од 19,3 милиони денари, на друштвото му била предизвикана штета од речиси 11 милиони денари по основ на казнена камата.

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против Ј.М., поранешен генерален директор и претседател на Управниот одбор на АД „Пошта на Северна Македонија“, поради сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“.

Според пријавата, во периодот од 2021 до 2022 година, пријавениот не постапил по одлуките и заклучоците на Управниот одбор за исплата на парични обврски кон два правни субјекта во вкупен износ од 19.292.984 денари.

Иако му била доставена потребната документација, тој не ја потпишал спогодбата за исплата на долгот, не ги потврдил фактурите и не ги потпишал налозите за плаќање.

Со тоа, според Финансиската полиција, овозможил против друштвото да бидат поведени судски постапки, по кои со судски пресуди биле утврдени обврски за плаќање казнена камата.

Вкупната штета што, според пријавата, му била предизвикана на АД „Пошта на Северна Македонија“ изнесува 10.968.483 денари по основ на казнена камата.