Националниот џез оркестар со концерт во чест на Сашко Николовски за четири децении музичко творештво
Четири децении музичко искуство, авторско творештво и соработки на македонската музичка сцена ќе бидат одбележани со јубилеен концерт посветен на тромбонистот, композиторот и аранжер Сашко Николовски. Националниот џез оркестар ќе настапи на 28 октомври во Националната опера и балет, под диригентство на Џијан Емин.

Националниот џез оркестар на 28 октомври ќе одржи јубилеен концерт посветен на музичарот Сашко Николовски, во знак на почит кон неговото четиридецениско творештво и придонесот на македонската музичка сцена.
Николовски, како тромбонист, композитор и аранжер, во текот на својата кариера остварил бројни соработки и оставил белег во различни оркестарски состави, бендови и музички проекти.
Неговото творештво опфаќа различни џез-стилови, изразени мелодиски линии и динамични ритмички аранжмани. Првиот авторски албум „Not for Sale“ е значаен дел од неговиот музички опус.
На концертот публиката ќе има можност да слушне избор од композициите и аранжманите на Николовски, како и дела од други македонски автори со кои тој соработувал низ годините.
Концертот „Четири децении музика и инспирација – Национален џез оркестар и Сашко Николовски“ ќе се одржи во Националната опера и балет, со почеток во 20 часот, под диригентство на Џијан Емин.
