Ученици од Македонија на пракса во Шпанија
20-тина ученици од Македонски брод од средното угостителско училиште неодамна се вратија од едномесечна пракса во познати Шпански хотели каде своето искуство стекнато таму ќе го имплементираат овде каде ќе ја градат својата кариера во областа на туризмот...

Праксата е составен дел а можеби и најважниот за секој ученик или студент. За младиот човек таа е од исклучително значење за понатамошниот развој.
„Таа пракса мене исклучително ми помогна, како што доаѓам од мало гратче и како за мојата возраст беше прилично многу искустливо да бидам дел од таа таканаречена практична екскурзија“, рече Даниел Столески од Македонски брод.
„Сето она што ние го пренесуваме од тоа што го поминавме таму, ќе влијае и на останатите, па ќе сакаат и тие да видат што се е добро во една таква поголема држава и дека тоа вреди да се посети едно такво место и да се воочат сите разлики кои ги има тука и кај нив“, вели младата Кристина Димоска од Македонски брод.
Просветните работници со големо задоволство ги прифаќаат ваквите иницијативи.
„Затоа центарот со голема желба ги прифаќа сите добри иницијативи и дава голема поддршка на сите стручни училишта за да можат и тие да разменат искуства“, вели Зекир Закири, директор на центарот за стручно образование на РМ.
„Се осамостоија на некој начин за да можат да видат дека и тие можат понатака да ги применуваат тие искуства од таму кои ги доживеаа“, изјави Гоце Милески, директор на средно општинско училиште во Македонски брод.
Струшките хотелиери веќе имаат искуство со нашите практиканти кои за жал се помалку се интересираат, но од друга страна веќе од наредната година се очекуваат и првите студенти од Европската унија да дојдат на пракса во Струга.
„Веќе сме во тек со проектот кој се најавува за следната 2015та година кога студенти од Шпанија и од другите европски земји би требало да дојдат во Македонија да ја обават нивната феријална пракса. Се надевам дека тие ќе ни отворат една нова рамка една нова димензија да ни го донесат туризмот на она вистинско ниво какво што е во ЕУ и во развиените Европски земји“, вели Ана Јанчева Дудановска, холетски менаџер.
Овој проект е спонзориран од Национална агенција за европски образовни програми “Мобилност” и во соработка со средните стручни училишта ќе продолжи да работи и понатаму.
Јованчо Наумоски
