Економија

ОКТА воведува попуст од два денари за литар дизел до 2 ноември

20.10.2026 13:47

ОКТА од денеска до 2 ноември воведува привремен попуст од два денари по литар дизел гориво за трговците на големо и мало. Со најновата мерка, вкупната вредност на поддршката што компанијата ја обезбедува за домашниот пазар од март годинава се очекува да достигне околу осум милиони евра.

ОКТА АД – Скопје продолжува со мерките за поддршка на домашниот пазар на горива, воведувајќи привремен попуст од два денари по литар дизел гориво, со важност од 20 октомври до 2 ноември 2026 година, соопштуваат од компанијата.

Попустот ќе се применува на продажбата на дизелот што компанијата им го испорачува на трговците со горива на големо и мало. Конечните малопродажни цени ќе ги утврдуваат трговците самостојно, во согласност со нивните комерцијални политики и актуелните пазарни услови.

Од компанијата информираат дека иницијативата е дел од серијата мерки што ги спроведуваат од март годинава, со цел да се ублажи влијанието на нестабилноста на меѓународните пазари и да се поддржат стабилноста и конкурентноста на домашниот пазар на горива.

Со најновиот попуст, вкупната вредност на досегашната поддршка од ОКТА за домашниот пазар се очекува да достигне приближно осум милиони евра, соопштуваат од компанијата.