Кризата удира врз џебот на граѓаните, власта тврди дека инфлацијата се држи под контрола
Синдикалната минимална кошница достигна 70.358 денари, а само за храна и пијалаци се потребни 26.170 денари. Додека ССМ укажува на притисокот врз семејните буџети, власта и стопанствениците се повикуваат на намалувањето на инфлацијата во изминатите две години и растот на платите. Во меѓувреме, во ЕУ инфлацијата повторно забрзува.

За храна и пијалаци на едно четиричлено семејство му се потребни 26.170 денари, што е за 124 денари повеќе од минималната плата. За десет месеци, минималната кошница поскапела за речиси 4.000 денари според пресметката на Сојузот на синдикати на Македонија.
„Синдикалната минимална кошница во октомври достигна 70.358 денари, што значи дека на едно четиричлено семејство му се потребни речиси 71.000 денари месечно за да ги покрие основните трошоци за живот. Во споредба со септември, износот е повисок за 926 денари, додека само за храна и пијалаци се потребни 26.170 денари – повеќе од целата минимална плата, која изнесува 26.046 денари“, велат од ССМ.
Енергетската криза удира врз џебот на граѓаните и бизнисот, но сепак инфлацијата се држи под контрола, стандардот се штити со соодветни мерки-категорични се власта и стопанствениците. Се повикуваат на податоците според кои е двојно намалена за две години, а платите се зголемиле за разлика од претходно.
Сојузот на стопанските комори и власта не се на иста линија со Стопанската комора на Македонија за намалување на слободните денови на работниците, бидејќи сметаат дека тоа е веќе стекнато право што не смее да се укине. Но, тие пак, имаат свој предлог – плаќање по час по примерот на европските земји за што сметаат дека треба да се разговара и на Економско-социјалниот совет.
Инфлацијата во Европската Унија повторно забрзува. Според најновите податоци на Евростат, годишната стапка во септември достигна 3,8 проценти, наспроти 3,2 проценти во август. Истата стапка е регистрирана и во еврозоната, а главен двигател на поскапувањата е енергијата.
Во Македонија, пак, годишната инфлација во септември изнесува 2,7 проценти, што е под европскиот просек.
Александра Велинова
