Европа со засилени мерки по протестите против скапотијата
Европа ги заострува мерките за справување со бранот протести. Во Франција, немирите стивнуваат по воведувањето полициски час, Италија забранува собири и распоредува дополнителни сили, а португалската полиција ги растури протестните кампови. Во Тирана, Рама нуди дијалог, но предупредува дека нема да дозволи насилно преземање на власта. Незадоволството поради скапотијата и лошите јавни услуги продолжува да ги полни европските улици.

Европските власти ги заоструваат мерките по насилните протести против скапотијата и лошите јавни услуги. Во Франција, немирите стивнаа по воведувањето полициски час. Властите најавија засилени истраги.
„Ќе користиме податоци за геолокација од мобилните телефони и технологија за препознавање лица за да ги идентификуваме сторителите. Ова се исклучително сериозни настани и ќе ги искористиме сите законски средства за нивно гонење“, изјави Жералд Дарманен- министер за правда на Франција.
По нередите во Италија и приведувањето на над 200 лица, во Милано распоредени уште 500 војници. Во сила се забрани за собирање и построги казни за насилство и уништување имот. Португалската полиција се судри со демонстрантите кои бараат подостапно домување и ги отстрани шаторите во Лисабон, во Порто демонстрантите доброволно ги напуштиле местата.
„На демонстрантите повеќепати им се обративме со цел да ги отстранат неправилностите. Во Лисабон нашите наредби не беа почитувани, па моравме да интервенираме соодветно и пропорционално, без никакви пречекорувања. Немаше полициски јуриш, ниту употреба на палки“, изјави Сержиу Соареш -полициски суперинтендант.
Во истовреме во Тирана албанскиот премиер Рама им понуди дијалог на студентите, но предупреди дека нема да дозволи преземање на власта со насилство. Најави кривични и административни мерки против сторителите.
„Секој што сака дијалог без услови може да смета на мојата достапност. Но, нема дијалог со оние што учествуваат во насилство и одбиваат да се дистанцираат од него. Ова е организиран напад, поттикнат и од странски актери, во обид да се разгорат внатрешните тензии. Слични хибридни закани стануваат сериозен проблем низ Европа. Подготвуваме кривични и административни мерки, бидејќи секој што уништува мора да одговара“, изјави Еди Рама -премиер на Албанија.
Демонстрантите ги превртеа столиците поставени пред канцеларијата на премиерот, отфрлајќи ја неговата понуда за разговори и барајќи негова оставка. Во Грција, студентите протестираат поради високите трошоци за живот и образование. Во Атина поставија шатори на плоштадот Синтагма, барајќи подобри услови и бесплатно образование. За утре се најавени демонстрации во Атина, Солун и Патра, како и национален штрајк на наставниците во јавните средни училишта.
Бојана Крстевски
