1.000 кандидати за првите 100 работни места во Маркарт!

04.10.2014 16:53

Инвеститорот е задоволен од големиот интерес. Оние што ќе имаат среќа да бидат вработени идниот месец влегуваат во системот на Маркарт...

Околу илјада луѓе дојдоа на отворениот ден во Велес за да се запознаат со производствениот процес, но и да аплицираат за место во новата фабрика. Маркарт ги избира првите 100 вработени.

„Јас сум машински инжињер, тука би сакала да се вработам  како контролор на квалитет или како машински инжињер“.

„Добри беа презентации ги имаше неколку јас бев во оделот за логистика и набавка“, велат кандидатите за работните позиции кои случајно ги анкетиравме.

Инвеститорот е задоволен од големиот интерес. Оние што ќе имаат среќа да бидат вработени идниот месец влегуваат во системот на Маркарт.

„Првите луѓе набргу  ќе бидат пратени на обука во Романија и ќе се вратат со нашите продукти кои што ние ги произведуваме“, изјави директорот на фабриката Маркарт во Велес, Волфганг Аихер.

После 24 години ова  епрва  поголема инвестиција во Велес. Локалната власт и економистите сметаат дека создадени се услови за економски развој.

„Имам смелост да најавам дека ова е само почеток на инвестициите, ќе ни биде задача да донесеме уште нови инвеститори“, изјави градоначалникот Славчо Чадиев.

Маркарт е семејна компанија за производство на производи за автомобилската индустрија. Вработува 7.000 луѓе, и има фабрики во 10 земји.

А дека во Маркарт очекуваат вработувања и многумина кои не се жители на Велес, доказ беше и денешниот Отворен ден. Тука на четирите презентации дојдоа и жители од општините кои го сочинуваат Вардарскиот плански регион.

 

Дијана Иванова