Македонија

Не стивнуваат реакциите за полагањето на правосудниот испит

20.10.2026 18:59

Барањето на студентите Албанци целиот правосуден испит да го полагаат на албански јазик наиде на спротивставени ставови. Премиерот Мицкоски смета дека усниот дел треба да биде на македонски јазик, додека ДУИ инсистира на целосно остварување на правото на полагање на албански. Студентите најавуваат нови протести доколку нивното барање не биде прифатено.

Писмениот дел од правосудниот испит треба да се полага на јазикот на кој студентите го завршиле високото образование, а усниот дел треба да биде на македонски јазик, како официјален во правосудниот систем во Македонија. Премиерот Мицкоски, категоричен по барањата на студентите, правосудниот испит целосно да го полагаат на албански јазик.

Шефот на Владата се повика и на препораката на Венецијанската комисија во врска со, како што кажа, тогашниот Закон за употреба на јазиците, посочувајќи дека треба да се почитуваат мислењата на меѓународните институции.

Демократската унија за интеграција се спротивставува на обидите на министерот за правда, Шасивари, за како што велат, кршење на Уставот и законот за употреба на јазиците.

„Уставните права не можат да зависат од волјата на министерот, од резултатите на средбите или од толкувањата на подзаконските акти. Тие треба да служат за спроведување на уставот и законите, а не за нивно заменување или ограничување на правото што тие го гарантираат. Албанскиот јазик на правосудниот испит не е прашање на компромис, туку прашање на еднаквост и почитување на уставниот поредок“, стои во реакцијата од ДУИ.

Предлогот на министерот за правда Шасивари предвидува теоретскиот дел, кој опфаќа 12 предмети, да може да се полага на албански, додека практичниот дел, односно два предмета, да се полагаат на македонски јазик.

Студентите Албанци не се откажуваат од барањето, целиот правосуден испит да го полагаат на албански јазик. Најавуваат продолжување на протестите доколку целосно не се исполнат нивните барања.

Милчо Велески