Локални избори

Истече рокот за приговори за вонредните локални избори за градоначалник на Брвеница

20.10.2026 19:32

Истече рокот за приговори за вонредните локални избори за градоначалник на Брвеница. Од СДСМ велат – „Знам“ и „Левица“ гласаа за ВМРО-ДПМНЕ, а луѓето од платформата работеа против мене и партијата. Владеачките со одговор – одамна го изгубивте кредибилитетот, декласирани сте.

Истекоа роковите за приговори кои учесниците на вонредните локални избори за градоначалник на Брвеница имаа можност да ги поднесат до ДИК за постапката на гласањето. Утре до пладне може да се поднесуваат само за сумирањето и утврдувањето на резултатите. ДИК е должна во рок од 72 часа да донесе одлука. Доколку подносителите на приговор не се задоволни, може да поднесат тужба до Управниот суд.

Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Брвеница, Радески, заблагодарувајќи им се на неговите гласачи, посочи дека резултат од изборите покажал дека на власта и се намалува поддршката.

„Во споредба со минатите избори за градоначалник ВМРО има пад од над 13 проценти, а СДСМ има раст од 46 проценти. Кога ќе се додадат гласовите на ЗНАМ и Левица што отидоа кај ВМРО во Брвеница, околу 400, падот на ВМРО е над 800 гласа“, изјави Јовица Радески – кандидат на СДСМ за градоначалник на Брвеница.

СДС со Филипче дојде до стадиум да се радуваат на 4 место на локални избори, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Според нив кредибилитетот одамна им е изгубен, а Филипче најдоброто решение за претседател на СДС.

„СДС декласиран во Брвеница 4 спрема 1, Филипче и неговите колеги слават како да дошле на власт. Огромната поддршка која СДС ја доби од граѓаните на Брвеница е од досега невидени размери и е помала од минатите локални избори. Но, сепак Филипче и другарите го прославија тоа како успех.“, изјави Валентин Манасиевски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

ДИК веќе објави дека во вториот круг на локалните избори за градоначалник на Брвеница влегоа Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ и Аркин Јахиј од Националната алијанса за интеграција. Ќе се одржи на први ноември.

Наташа Гркова - Петрушевска