Викендов преминуваме на зимско сметање на времето, еден час повеќе сон од недела
Во ноќта меѓу сабота и недела, на 25 октомври, започнува зимското сметање на времето. Стрелките на часовниците ќе се поместат еден час наназад, од 3 на 2 часот по полноќ, па граѓаните ќе добијат дополнителен час за спиење.

Во недела, на 25 октомври, започнува зимското сметање на времето. Промената ќе се случи во текот на ноќта, кога во 3 часот по полноќ часовниците ќе се вратат еден час наназад, односно на 2 часот. Тоа значи дека ќе спиеме еден час подолго.
Поголемиот дел од мобилните телефони, компјутерите и паметните часовници автоматски ќе го приспособат времето. Кај постарите часовници и уредите што немаат автоматско ажурирање, промената ќе треба да се направи рачно.
Со преминувањето на зимското сметање на времето, дневната светлина ќе биде поприсутна во утринските часови, додека стемнувањето ќе настапува порано. Иако промената носи дополнителен час за одмор, приспособувањето кон новиот распоред може кај некои луѓе да предизвика замор, нарушен сон или потешкотии со заспивањето и будењето.
За полесно прифаќање на промената, се препорачува редовен распоред на спиење, престој на дневна светлина и ограничување на користењето електронски уреди пред легнување.
Зимското сметање на времето ќе важи до 28 март 2027 година, кога часовниците повторно ќе се поместат еден час нанапред и ќе започне летното сметање на времето.
