18. Меѓународна MHRA конференција: 18 години раст, промени и нови перспективи за HR-професијата
Во Скопје, ќе се одржи 18. Меѓународна MHRA конференција, организирана од Македонската асоцијација за човечки ресурси (МАЧР), под мотото „UNDER THE HR HAT: Modeling Change to Value“...

На 21 октомври, во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, ќе се одржи 18. Меѓународна MHRA конференција, организирана од Македонската асоцијација за човечки ресурси (МАЧР), под мотото „UNDER THE HR HAT: Modeling Change to Value“.
Во време кога организациите се соочуваат со недостиг од квалификувана работна сила, демографски промени, миграција на талентите, забрзана дигитализација и развој на вештачката интелигенција, улогата на HR забрзано се менува.
Прашањето повеќе не е само како HR да ги поддржи промените во организацијата, туку и како да помогне тие да создадат мерлива вредност за луѓето и за бизнисот.
Конференцијата и годинава ќе собере HR-професионалци, бизнис-лидери, експерти, академски претставници и други професионалци кои активно ја обликуваат иднината на работата. Посебен фокус ќе биде ставен на практични пристапи што можат да им помогнат на организациите да го планираат и развиваат човечкиот капитал, да ги унапредат своите HR-процеси и да ја користат технологијата како поддршка, а не како замена за човечкиот фактор.
„Оваа година, кога конференцијата го слави и своето полнолетство, сакавме да поставиме поинакво прашање: не само што се менува во HR, туку и како HR може активно да ја моделира промената и од неа да создаде вредност.
Во услови на недостиг од талент, забрзана дигитализација и развој на вештачката интелигенција, ова повеќе не е прашање на иднината, туку реалност со која организациите веќе се соочуваат“, вели Дарко Петровски, претседател на МАЧР.
Меѓу говорниците се Адам Костис, партнер и помошен директор во The Boston Consulting Group, Анамарија Наѓ, раководителка за човечки ресурси во The Magnum Ice Cream Company, Мерсиха Мима Мехиќ, главна извршна директорка на Alma Career BH, како и други докажани меѓународни и локални HR-и бизнис-лидери.
