УЈП

Највисоката месечна бруто-плата во 2025 година изнесувала речиси 190.000 евра

21.10.2026 15:08

Уште повисоки износи се забележани кај други извори на приходи – највисоката дивиденда изнесувала 252,6 милиони денари, а највисоката капитална добивка 164,2 милиони денари.

Највисоката годишна бруто-плата исплатена во 2025 година изнесувала 139,1 милион денари, односно речиси 190.000 евра месечно. Ова го покажуваат податоците на Управата за јавни приходи за доходот на граѓаните во минатата година, според кои највисокиот вкупен доход од сите извори достигнал 257,5 милиони денари.

Според УЈП, највисоката годишна бруто-плата е меѓу највисоките поединечни доходи евидентирани во 2025 година. Уште повисоки износи се забележани кај други извори на приходи – највисоката дивиденда изнесувала 252,6 милиони денари, а највисоката капитална добивка 164,2 милиони денари.

Највисокиот вкупен доход од сите извори, во износ од 257,5 милиони денари, го остварил граѓанин од Гевгелија преку плата, дивиденда и друг доход. На второ место е граѓанин од Охрид со вкупен доход од 254,4 милиони денари.

Податоците на УЈП покажуваат дека во 2025 година 31 граѓанин остварил годишен доход над 100 милиони денари, во вкупен износ од 4,973 милијарди денари. За споредба, во 2024 година во оваа доходовна група имало 42 граѓани, со вкупен доход од 6,753 милијарди денари.

Вкупно, за 2025 година УЈП изготвила претпополнети годишни даночни пријави за околу 863 илјади граѓани, со пријавен бруто-доход од 612,9 милијарди денари и пресметан данок на личен доход од околу 39,8 милијарди денари.

Најголем дел од вкупниот бруто-доход, околу две третини, произлегува од плати. Плата во текот на годината оствариле околу 596 илјади граѓани.