Народна банка

Кредитите во септември пораснале за 14,1 отсто на годишно ниво, депозитите за 9,2 отсто

21.10.2026 16:51

Кредитната активност во земјава во септември забележала годишен раст од 14,1 отсто, додека вкупните депозити се зголемиле за 9,2 отсто, покажуваат податоците на Народната банка. Паричната маса останала на исто ниво како претходниот месец, но на годишно ниво пораснала за 8,3 отсто.

Според Народната банка, кредитите во септември бележат месечен раст од 1,3 отсто, при што зголемување е регистрирано и кај домаќинствата и кај корпоративниот сектор. На годишно ниво, кредитирањето на претпријатијата пораснало за 15,7 отсто, а на населението за 12,7 отсто.

Кај депозитите, месечниот раст изнесува 0,4 отсто, а годишниот 9,2 отсто. Зголемувањето во поголем дел се должи на растот на депозитите на домаќинствата, но придонес има и корпоративниот сектор.

Депозитите на населението на годишно ниво се зголемиле за 9,2 отсто, додека депозитите на претпријатијата пораснале за 8,6 отсто.

Анализирано според намената, станбените кредити во септември бележат годишен раст од 16,1 отсто, а потрошувачките кредити од 12,4 отсто, покажуваат податоците на Народната банка.