Продолжуваат дипломатските напори за мир во Украина
Специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф во Санк Петербург се сретна со рускиот претседател Владимир Путин. На маса конфликтот, односите Вашингтон – Москва, војната во Иран. Украинскиот претседател ги отфрли тврдењата дека неговата земја ја губи војната.

Продолжуваат дипломатските напори за ставање крај на војната во Украина. Специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф во Санк Петербург се сретна со рускиот претседател Владимир Путин. На маса конфликтот, односите Вашингтон – Москва, војната во Иран. Виткоф вчера беше дел од мировните разговори во Осло, каде што присуствуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски и европски претставници.
„Сакам да Ви се заблагодарам, Вам и на претседателот Трамп за вниманието што го посветувате на проблемите околу решавањето на кризата во Украина“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.
„Се надевам дека би можеле да го разгледате ова како следен чекор во мировниот процес. Така би можеле да започнеме со работа на технички тимови кои ќе разговараат за тоа кои точно би биле тие следни чекори“, рече Стив Виткоф, специјален пратеник на САД
САД вчера повторно почнаа да споделуваат разузнавачки информации со Киев, по денови претпоставки за тоа што се случува со системот „Старлинк“. Украинскиот претседател ги отфрли тврдењата дека неговата земја ја губи војната. Европската Унија објави дека планира да ги засили дипломатските напори за да ги поттикне Канада и Велика Британија да издвојат дополнителни средства за Украина.
„Мораме да најдеме пат до мирот. Американскиот тим разговараше со нас, а денес се во Русија. Ќе видиме какви повратни информации ќе добиеме, но, за да се има силна позиција – што е важно за време на преговорите и дијалогот – потребно е да се имаат силни пријатели и да не се биде слаб“, истакна украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Украина не би опстанала како суверена држава без поддршката од САД, вклучувајќи ја и помошта што и ја дава администрацијата.
„Не сакам премногу да ја поедноставувам ситуацијата, бидејќи ова е сложена војна од многу причини. Сепак, во сржта на сето ова е делот од Донбас што Русија го бара, но не успеа да го заземе на бојното поле – дел што моментално е под контрола на Украина, која го брани исклучително храбро“, изјави американскиот државен секретар, Марко Рубио.
Американскиот претседател Трамп претходно ја повика Украина да постигне договор со Русија за завршување на војната, предупредувајќи дека последиците би можеле да бидат сериозни.
Маријана Димовска
