Најмладиот милионер има четири, а највозрасниот 97 години
Четиригодишно дете остварило над еден милион денари од дивиденда, додека највозрасниот милионер во земјава има 97 години и приходи од пензија и други извори. Податоците се дел од анализата на Управата за јавни приходи за доходот на граѓаните во 2025 година.

Најмладиот милионер во државата е дете на возраст од четири години кое остварило над еден милион денари од дивиденда, додека највозрасниот има 97 години, покажа анализата на УЈП. Парите ги направил од пензијата, но и од други приходи.
Речиси 190.000 евра месечно во бруто износ е највисоката плата исплатена во 2025 година, во секторот вадење камен и јаглен. На годишно ниво, таа надминува 2,2 милиони евра и е за околу 2% повисока од ланската највисока плата, информираат од УЈП.
Петте највисоки плати се исплатени во Скопје и тоа во секторите аптеки, трговија со тутун, храна и пијалаци, болници и трговија со фармацевтски производи.
Најмногу пари надвор од плата, како дополнителен приход пријавил скопјанец кој лани инкасирал речиси два милиона евра бруто на годишно ниво. Најмногу приходи од дивиденда се исплатени од фирми во Гевгелија, Охрид и Арачиново.
Извештајот на УЈП покажува раст и на бројот на годишните даночни пријави. Во 2025 година биле изготвени 863.100 пријави, што е зголемување од 10,6 проценти во однос на претходната година.
Марина Стојанова-Тонева
