Потрага по исчезнато лице во водите на Вардар во Гостиварско
Екипи на Дирекцијата за заштита и спасување, во координација со полицијата и локалните служби, интензивно го пребаруваат коритото на реката Вардар во Гостиварско по пријава за исчезнато лице.

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) активираше тимови за потрага по исчезнато лице за кое постојат индиции дека било видено во близина на реката Вардар во Гостивар, по официјално барање од Полициската станица Гостивар.
Во акцијата се вклучени припадници на Тимот за брз одговор за спасување на води, со логистичка поддршка од Подрачното одделение на ДЗС во Гостивар. На терен е и заменик-директорот на ДЗС, Кашмир Салиу.
Пребарувањето се одвива во координација со полициските службеници од ОВР Гостивар и локалните служби. Екипите го проверуваат текот на Вардар, почнувајќи од критичните точки во градот, па сè до подрачјата низводно.
Од ДЗС информираат дека тимовите ќе останат ангажирани до завршување на операцијата.
Од Дирекцијата апелираат до граѓаните на Гостивар и околните населени места, доколку имаат информации за исчезнатото лице или забележат нешто долж речното корито, веднаш да пријават во полицијата, кај надлежните служби за заштита и спасување или на бројот 112 во Центарот за управување со кризи.
За нови информации од акцијата, ДЗС најавува дополнително известување.
