Случај „Пулс“

Ново рочиште за кочанската трагедија

21.10.2026 18:13

После неколку судски рочишта заврши исказот на градежниот вештак предложен од газдата на „Пулс“ и првообвинет во случајот Дејан Јованов...

После неколку судски рочишта заврши исказот на градежниот вештак предложен од газдата на „Пулс“ и првообвинет во случајот Дејан Јованов. На вкрстеното испрашување од одбраната тој ги повтори тезите, оти објектот е граден согласно техничката документација, а состојбата на објектот не била причина за настанување на пожарот во кочанската дискотека. Она што предизвика најголема реакција во судницата беше неговиот исказ оти плафонот на дискотеката не бил спуштен.

„Спуштен плафон во објектот немало, имало декоративни облици, односно носечка конструкција за светло и платно“, изјави Петре Русевски-сведок.

На ова реагираа дел од адвокатите како и обвинителите кои го застапуваат предметот. Тие најавија дека за наредното рочиште имаат подготвено поголем број приговори.

Родителите на загинатите во пожарот во „Пулс“, дадоа целосна поддршка на јавното обвинителство бидејќи според нив на виделина ги изнеле сериозните противречности во исказот на вештакот.

Наредното рочиште за овој случај ќе се одржи на 3 ноември. Ќе биде испитан сведок на одбраната од фирмата која ја вршела реконструкцијата на внатрешноста на дискотеката.

Викторија Милевска