Прилепски хирург во притвор поради поткуп

04.10.2014 17:35

Во Прилеп е притворен хирург од градската болница кој е осомничен за продолжено кривично дело примање поткуп. Случајот го пријавила пациентка...

61 годишен хирург специјалист од прилепската болница е во притвор  за поткуп, откако полицијата му поднесе кривична пријава. Од обвинителството потврдуваат дека хирургот со иницијали М.Н е сослушан, а судија му одреди притвор до 8 дена.

Случајот во полицијата го пријавила пациентка која изјавила дека во периодот од февруари до мај при лекарските контроли, специјалистот и побара пари, а таа му дала прво 24.000, а потоа уште 12.000 денари.

Полицијата го товари хирургот дека ја злоупотребил службената положба за она што морал да го изврши - лекарски прегледи, хируршка интервенција и постоперативни контроли.

„По наредба од основното јавно обвинителство и од основен суд Прилеп, од страна на полициски службеници со потврда од пријавениот е одземена една банкнота во апоен од 100 евра, кои претходно беа криминалистички обработени“,  вели Магдалена Димитриоска, СВР Битола.

Обвинителството, велат оттаму, ги собира релевантните факти да го документира целиот случај.

 

Елизабета Митреска